Веќе осум години сум основач и Директор на Пи Ворлд, креативна агенција со присуство во над 35 земји во светот вклучувајќи ги САД, Канада, Јужна Кореја, Египет, Иран, Турција и земјите на Средниот Исток.
Пред да ја отворам компанијата имав можност да работам во една од најголемите агенции за организирање на настани во светот и искрено, ни на крај памет не ми беше да основам сопствен бизнис.
Отворање на бизнис
Во оваа приказна влегов бидејќи во тој момент, поради светската финансиска криза, немав други можности за работа. Имав одлична идеја, добар бизнис план и победничка енергија, но гледајќи наназад, сфаќам дека бев тотално неподготвен за предизвиците што доаѓаат со водењето на сопствена компанија.
Имав одлична идеја, добар бизнис план и победничка енергија, но ...
Во овие осум години не се сеќавам кога последен пат мирно сум спиел. Се будам во пет часот наутро, не бидејќи сум член на фамозникот 5 am клуб на Робин Шарма, туку поради тоа што едноставно не знам како да го исклучам мојот претприемачки мозок.
Деловни и лични предизвици
Од Ноември 2010та година кога ја основавме нашата компанија, имаме организирано над 300 бизнис настани на четири различни континенти но сме морале да се бориме и со девалуација во нашите пазари, терористички напади, државни удари, пад на цена на нафта, војни, ерупција на вулкани, поплави, финансиски колапс на економии и не знам што уште не. Најверојатно единствено нешто што не сме преживеале е инвазија од вонземјани.
... единствено нешто што не сме преживеале е инвазија од вонземјани.
Да, како извршен директор на глобален бизнис, ја имам можноста да патувам насекаде низ светот, да спијам во хотели со пет ѕвезди и да го живеам животот што многумина го сонуваат но во исто време поради моите патувања сум пропуштил важни моменти во животот на ќерка ми, родендени, свадби, прослави и погреби – настани што не може да ги замени ниту еден успешен бизнис настан низ светот.
... ја имам можноста да патувам насекаде низ светот ... но и ги пропуштив настаните што не може да ги замени ниту еден успешен бизнис настан низ светот.
Има моменти кога си ја сакам компанијата но и моменти кога сакам да баталам се'. Моменти кога се има смисла и моменти кога ништо нема смисла. Моменти кога мислиш дека знаеш се' а следниот момент сфаќаш дека не знаеш ништо. Моменти кога мислиш дека можеш да направиш се' но и моменти кога мислиш дека се' што правиш е осудено на неуспех. И да, моменти кога си сигурен во својот успех но и моменти кога немаш појма како ќе ги подмириш трошоците до крајот на месецот.
Лудо е да бидеш претприемач
Сетоа ова звучи малку парадоксално, нели? Можеби и малку лудо. Во ред, не малку лудо, многу лудо.
Всушност кога добро ќе размислам, за да бидеш претприемач, најпрвин треба да бидеш малку повеќе луд. Реалноста е дека не секој има храброст да се откаже од комодитетот на животот за да креира нешто што постои само во неговата глава. Не секој може да премине низ илјадниците предизвици што бизнис светот ги носи а во исто време да остане гладен за успех и без разлика на се, да верува во својата идеја. Многу поважно, не секој е подготвен да го живее лудиот претприемачкиот живот.
Бизнис совет(и)
Еве неколку совети за сите што пливаат во претприемачките води:
Дефинирање цели. Пред да направиш било што, дефинирај ги верувањето и целта на твојата компанија. И не, ова не се работи што стојат некаде на вашата веб страница реда ради. Ова се всушност клучните фактори за успехот на вашата компанија. Прашајте ги и вашите вработени дали тие знаат во што верува вашата компанија? Што е целта на вашата компанија? За една компанија да биде успешна сите мораа кристално јасно да знаат во што верува компанијата и што е целта на вашата компанија. И не, целта не е да направите профит! Целта на вашата компанија е да го промените животот на вашите купувачи.
Репутација. Сите ние сме во бизнисот на градење репутација. Секојдневно работете на тоа. Запомнете, луѓето најпрвин ја купуваат приказната за вашиот продукт а потоа самиот продукт.
Извини се за грешките. Ако направите грешка, извинете се. Во Македонија можеби секое чудо трае три дена но ако сакате да работите глобално, секојдневно мора да работите на вашата простливост. Ако се извините и реагирате на време, секоја кризна ситуација всушност е можност да ја зацврстите вашата репутација.
Полова еднаквост. Фокусирајте се на полова еднаквост во вашата компанија. Ерата на шовинизмиот одамна заврши. Градете компанија во која сите имаат еднаква можност и сите се еднакво платени.
Уживај во бизнисот. Уживајте во вашите успеси и научете се да си кажете браво.
Ти си повеќе од компанија. Најважно, успехот или неуспехот на вашата компанија не ве дефинира вас како човек. Сите ние сме многу повеќе од нашите компании.
Instagram: @kostapetrov
Facebook: www.facebook.com/P-World-101566283238261/
✅✅✅ Пријави бизнис приказна и совет на линкот тука ... ✅✅✅
Најново од P World ...