Во менаџментот со користи познатата мудрост: „Ако не можеш да го измериш нештото, не можеш ни да го менаџираш.“
Сепак не е едноставно ова како што изгледа од прва. Конкретен пример: Иако си ја мерам тежината речиси секое утро, истата не може да ја менаџирам успешно бидејќи од почетокот на годината бележев постепено постојано зголемување на тежината. Ова повлекуваше и последици: болка во колена, повремени болки во половината и ред други нуспојави кои доаѓаат заедно со зголемување на тежина.
Знаев дека мерењето тежина е “историски показател”, тој е последица на нешто што се случувало во минатото, на претходните мои активности. Наместо само мерење на тежина, ми требаше некое друго мерење, ми требаше некој водечки индикатор. Си викам, ќе пробам со “Внесување не повеќе од 1700 калории дневно”. Како што е познато, ако внесуваш повеќе калории од потребно, вишокот се складира во “тежина”. Не успеваше ни тоа, односно беше тешко за мерење и спроведување. Главниот проблем беше што по кусо време тежината се враќаше, а потоа и се зголемуваше.
Сфатив дека ми треба нов “водечки индикатор”. Ми треба мерка која е едноставна за дефинирање, релативно лесна за мерење и спроведување и која ќе дава потрајни резултати. Одредив да биде “Одење повеќе од 120 км секој месец”. Ако се применува 20 денови во месецот, ќе му дојде по 6 км од ден. Бидејќи последните месеци се топли, направив распоред за наутро и навечер, а планирав да изведувам секој ден (за да не се осети на секојдневните други обврски).
И еве ме сега со резултатите - намалени 3 килограми (ако се земат пиковите, намалувањето е 4.3 килограми). Тоа што е важно е што стекнав важна рутина за планирана физичка активност од два пати дневно. Без пешачење не можам да си го замислам денот.
Историските показатели (lag indicators) и водечките индикатори (lead indicators) се користат поодамна во бизнисот и политиката. Нивниот успешен микс прави одреден бизнис или министерство, општина или партија, да работи добро и согласно поставените цели. Постои и сет од препораки и методологии за нивно успешно користење - се вика Balanced Scorecard и ја поставиле Каплан и Нортон. Повеќе на темата има во линкот https://www.loginsystems.biz/forum/strategija-i-menadzhment/istoriski-pokazateli-ili-vodechki-indikatori.
Постот е иницијално објавен на фејсбук страната
Повеќе за Balanced Scorecard има во категоријата за Стратегија и менаџмент.