Денес, 07.10.2019, на покана на заменик-министерот за економија, г-нот Кирил Колемишевски, остварив работна средба поврзана со Пејпал и останатите (странски) платежни процесори.
Целта на средбата беше да се започнат активности за елиминирање на евентуалните пречки околу извозот на македонските производи и услуги и наплатата преку PayPal и останатите платежни процесори. Заменик-министерот Колемишевски покажа голем елан и желба дa поддржи активности на подобрување на условите за стопанисување на микро и малите фирми и на поединците-професионалци во сите сфери.
„Заедно ќе се заложиме овој сегмент од македонската економија да го динамизираме и да овозможиме услови за зголемен извоз на македонските производи и услуги.“ напиша на својата фејсбук страница Кирил Колемишевски. „Преку овозможување на PayPal, сметам дека има голем потенцијал за македонската економија, нашите производи и услуги да се најдат на светскиот пазар. Ова особено е корисно за микро и малите фирми, поединците и професионалците, чии услуги и производи се барани во Европа и светот.“ истакнува Колемишевски.
„Ги повикувам претприемачите, бизнисмените и луѓето со храбри идеи, да ме контактираат за презентирање на идеите и мерките, бидејќи сите сме дел од тимот кој треба да ја подобри македонската економија.“, завршува во својата објава на фејсбук страницата заменикот-министер Колемишевски.
Ме радува еланот и односот на заменик министерот за подобрување на условите за работење. Посебно е за поздравување неговата проактивност - самиот изрази желба работите да се сменат. Замислете. Ова е обратна ситуација од која сме се навикнале. Нека биде за пример.
Зборувавме за прилагодување на прописите за користење Пејпал и другите светски платежни процесори при наплата од странство. Освен придобивката од Пејпал, Македонските претприемачи да имаат намалени трошоци и поедноставени процедури при продажба на своите производи.
Областите кои треба да бидат координирани и со можност прилагодени на поголем број на мали субјекти и поединци се прикажани на сликата подолу.
Повеќе за ова има во објавата „За да носи мед, саќето треба да е подготвено - следни чекори за PayPal“.
Од средбата се донесе заклучок дека овие активности треба да финишираат кон крајот на годината.
На крајот од овие активности ќе биде потребно да се разговара со претставниците на Paypal за да се овозможи овој сервис во Македонија. Потоа и другите сами ќе дојдат.
Пејпал и останатите платежни процесори
Како што е познато, PayPal е овозможен во Македонија за купување на производи од странство, но нема можност за продажба на македонски производи на странските пазари. Неодамна Народната банка ја укина пречката за отворање на сметки во странство - види НБРМ: Овозможено отворање сметки кај странските електронски сервиси за трансакции за комерцијални цели. Ова беше првиот неопходен чекор.
Сега од сите нас зависи
Замолувам овие денови да доставите ваши согледувања, предлози, идеи и коментари кои би се користеле во разговорите и активностите со горе-посочените институции.
За да може подобро да се адресираат потребите на стопанствениците, претприемачите и професионалците, очекувам поголем фидбек за потребите во коментари, тука на овој пост, или на Сондажа: Искуства со транспорт, шпедиција и царинска постапка за мали пратки при извоз. Може да напишете нова објава на форумот. Сега од нас самите зависи колку ќе се заангажираме за да обезбедиме Пејпал што побрзо.
#paypal #министерствоекономија #пејпал #однасзависи
Дали ова значи дека и покрај новиот закон пак нема да имаме ПејПал?
Со задоволство следам што се случува околу влезот на PayPal и сакам да ја поздравам иницијативата и ангажманот на г-нот Венко. И самиот го имам котактирано сервисот пред повеке години за објаснение зошто нашата земја ја нема на листата, сакајки да отворам сметка и понудам свои производи (се разбира, беше неуспешно...). Добриве вести ме враќаат на моите дамнешни планови и кога тоа ке биде можно, ке отворам сметка и сигурно ке се обидам да ги реализирам. Убеден сум дека има многумина како мене. Иако, лично, би се чувствувал подобро доколку можам да помогнам, отколку само да чекам...