На фирмите и организациите им се потребни подетални и пософистицирани извештаи и анализи. Современото деловно работење не може да се потпира само на износите на синтетските конта во сметководството, продажбата кон купувачите и набавките од добавувачите.
Затоа сметководителите и фирмите воведуваат дополнителни субаналитички конта. Но наместо да се подобри анализата, најчесто се усложнува работењето, а бројните конта може да доведат до збунувачки и нецелосни информации/извештаи. Затоа се користат критериуми.
Критериум (или димензија) е податок кој се додава на одредена трансакција/ставка како маркер со што програмот потоа може да ги групира ставките со слични карактеристики и лесно да ги извлекува овие групи за подетални анализи.
На наредната слика има пример од главна книга заедно со книжени ставки. Како што може да се види, се користи обично конто 74010 за приходи. Каде е тогаш аналитиката? Ако се работи по старо, контото треба да содржи информација за географија, тип на производ или кој ја извршил продажбата. Наместо такво книжење, со употреба на критериуми, дополнителните информации се закачени на секоја ставка и се на располагање за преглед со клик на глувчето или комбинација на типки од тастатурата. Во нашиот случај, ако избереме една ставка со конто за приходи - 74010, покрај износот и бројот на документот, може да се видат и дополнителни информации како што се регион, тип на бизнис, група на купувач, кој е продавачот и тип на документ кој е потребен за групирање во налозите за книжење.
Типични критериуми може да бидат, а нивниот број не е ограничен само на:
Деловна единица: администрација, продажба и маркетинг, магацин, човечки ресурси, останато
Проекти: проект 1, проект 2, проект 3, ...
Група на корисници: мали фирми, поединци, државни институции
Продажни канали: директна продажба, продавници, веб сајт и социјални мрежи, телепродажба
Продажни тимови: тим за Македонија, тим за Европа, тим за останати земји
Производни групи: мебел, окови, широка потрошувачка
Кампањи: Кампања Лето 2017, Кампања Есен 2017, ...
Предноста во употреба на критериумите е во тоа што не се обременува контниот план со конта според географски области или групи на производи. Со помош на критериумите во Dynamics NAV, менаџментот и одговорните во сметководството може да одредат произволен број на критериуми кои при книжење ќе се закачуваат на трансакциите, а со тоа и на ставките во главната книга и другите помошни книги. Во моментот кога ќе се книжи документот, Dynamics NAV ги чува и овие податоци за критериуми и тие може да се користат како филтри во извештаите или за збирни износи според тие критериуми.
Повеќе на оваа тема има во блогот тука...