Скопје, 15.04.2020. --- Денешната прес конференција на Управата за јавни приходи беше посветена на Уредбата со законска сила за примена на законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година. Исто така јавноста беше информирана и за Уредбата со законска сила за примена на законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, со којашто се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година.
Постоечко право на обврзниците од угостителска дејност, туризам и транспорт
Директорката на УЈО, Лукаревска, потсети дека ослободувањето од плаќање на аконтации на данок на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други обврзници, кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките од (COVID-19).
За да го користат ова право потребно е да ги исполнуваат следните услови:
Да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и
Да не го намалат бројот на вработени, сметано од 26.03.2020 година до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.
Право за ослободување и за обврзниците од другите дејности
Обврзниците од останатите дејности, правото од ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка може да го остварат доколку исполнуваат и еден од следните услови:
Вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или
Намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или
Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките , да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или
Даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).
Искористување на правото со пополнување на Барање
Даночните обврзници, го остваруваат ова право со електронско поднесување на образец Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтации на данок на добивка (образец ДД-ОМА) преку системот e-Даноци на УЈП - досега до Управата за јавни приходи поднесени се вкупно 370 барања.
Барање за ослободување од данок од добивка за 3 месечни аконтации
Барањето се однесува за трите месечни аконтации кумулативно (март, април и мај 2020) така што обврзниците не се обврзани да поднесуваат барање за секоја аконтација посебно.
Ослободување од данокот на личен доход
За ослободувањето од плаќање на данокот на личен доход Лукаревска посочи дека може да го искористат обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт, но и други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, а имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за COVID-19.
Барање за ослободување од данок на личен доход
За користење на ослободувањето самовработените лица поднесуваат Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на доход од вршење на самостојна дејност (образец ДЛД-ОМА) преку системот е-Персонален данок на Управата за јавни приходи.
Обработка на барања
Управата за јавни приходи овозможува автоматска обработка на поднесените Барања при што обврзникот добива повратна порака за статусот на Барањето.
👉 Ако обврзникот добие порака дека Барањето е комплетно и е прифатено, автоматски се применува ослободување од плаќање на аконтациите на данок за месеците март, април и мај 2020 година.
👉 Ако обврзникот има поднесено комплетно и прифатено барање сите наредно поднесени барања ќе добијат статус на отфрлени.
👉 Ако обврзникот направил грешка при пополнување, поради што барањето е отфрлено, истиот треба да поднесе ново барање.
Извор: Управа за јавни приходи