Скопје, 28.11.2019. Управата за јавни приходи ја информира јавноста за висината и условите за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата. Оваа тематика е уредена со Закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата (Службен Весник на РСМ 239 од 19.11.2019 година).
Во продолжение ја прикажуваме содржината на соопштението за јавност.
КОЈ МОЖЕ ДА КОРИСТИ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ПРИДОНЕСИТЕ
Субвенционирање на придонеси може да користи обврзникот кој:
има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење согласно Законот за трговските друштва,
нема доспеани обврски по основ на бруто плата до денот на побарување на субвенционирање на придонеси,
за осигуреник кој бил во задолжително социјално осигурување кај тој работодавач во сите месеци од референтниот период.
за осигуреник за кој има зголемување на плата, утврдена како разлика меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.
КОЈ НЕ МОЖЕ ДА КОРИСТИ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ПРИДОНЕСИТЕ
Субвенционирање на придонеси НЕ може да оствари:
орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон,
институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје;
приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај работодавач од јавен сектор;
обврзник кој за осигуреникот користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или данок на личен доход согласно закон или друг основ, за период додека ја користи субвенцијата, односно ослободувањето;
обврзник кој за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, за периодот додека ја користи мерката, и
обврзник кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
НАЈВИСОК И НАЈНИЗОК ИЗНОС ЗА КОЈ СЕ ОДОБРУВА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ПРИДОНЕСИ
Највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето плата до 6.000 денари месечно по осигуреник.
Најнискиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник.
НАЧИН НА ОЗНАЧУВАЊЕ НА ЛИЦЕТО ЗА КОЕ СЕ БАРА СУБВЕНЦИРАЊЕ НА ПРИДОНЕСИ
Во МПИН пресметката од страна на работодавачот, се означува вработеното лице за кое се бара субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, со внесување на шифра 404 во полето 3.23 од клиентскиот софтвер.
НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА НА ИЗНОСОТ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ И ПОСТАПКАТА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ПРИДОНЕСИТЕ
Начинот на пресметка на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на придонесите е уреден со Правилникот за начинот на пресметка на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на придонесите (Службен весник на РСМ, бр. 244 од 26.11.2019 година).
ПРИКАЗ НА ИЗНОСИТЕ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ
По поднесување на МПИН пресметка со означените лица за кои работодавачот бара субвенционирање на придонеси, се издава Декларацијата за прием, во која за лицата за кои е одобрено субвенционирање на придонесите автоматски се намалува на пресметаниот износ на обврската за социјални придонеси.
Износите за одобрено субвенционирање се прикажуваат во Декларацијата за прием во редот Рефундирање на придонеси и ПД.
За лицето за кое е одобрено субвенционирањето на придонеси во Декларацијата за прием се јавува известување 451 со опис „Обврзникот го исполнува условот за субвенционирање на придонеси“ и податок за утврдената плата во референтниот период и износот на зголемувањето на платата.
За лицата и работодавачите кои не ги исполнуваат условите од законот, се јавува предупредување „Обврзникот НЕ го исполнува условот за субвенционирање на придонеси“ и опис за условот кој не е исполнет.
ПЕРИОД НА ВАЖНОСТ НА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО НА ПРИДОНЕСИ
Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите започнува да се применува со исплата на платата за месец октомври 2019 година, а ќе се применува заклучно со 31.10.2022 година.
НАПОМЕНА: За исплатените плати за месец октомври 2019 година, работодавачот кој бара користење на субвенционирањето на придонесите, треба да поднесе исправки за лицата кои имаат зголемување на платата со користење на шифрата 404 во поле 3.23 од клиентскиот софтвер. Износот за субвенционирање од октомвриската плата за 2019 година по поднесена исправка ќе биде прикажан како поврат од идни уплати, во исправката на пресметката, а во следната поднесена конечна пресметка како износ за автоматски поврат.
НАЧИН НА ОЗНАЧУВАЊЕ НА ЛИЦАТА КАЈ ПРИВАТНИ АГЕНЦИИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Приватните агенции за вработување ги означуваат лицата за кои се бара субвенционирање на придонеси со користење на шифрата 404 во поле 3.23 од клиентскиот софтвер, во пресметката со вид на обврска 700. При одобрување на износ за субвенционирање на придонеси, Приватната агенција за вработување задолжително ја пополнува шифрата 404 во поле 3.23 од клиентскиот софтвер и во пресметката со вид на обврска 555 и во истиот ред наведува кај кој работодавач – корисник е отстапено тоа вработено лице.
Извор: Управа за јавни приходи
Бесплатна пресметка на плата има на линкот тука