Разликите во стилот на менаџмент базиран на стадото биволи и летот на гуските е голем. Со парадигмата на јатото од гуските, може лесно да се увидат придобивките од засилениот "тимски" приод каде што секој е вовлечен во активности за групата да може да стигне до посакуваната одредница.
Во 90тите години, во отсуство на интернет и квалитетни изданија на книги во Македонија, секоја можност ја користев да набавам добра книга за менаџмент, лидерство и компјутерска литература. Така на едно од моите патувања во странство ја купив книгата „Летот на бизонот“ (анг. The Flight of the Buffalo) од авторите Беласко, претприемач и професор на Корнел универзитетот во САД и Стејер, успешен главен менаџер во корпоративна Америка. Книгата ми се покажа многу корисна во разни периоди од моето работење и делување во фирмата и во организациите што ги основав и водев.
Се присетив дека пронајдоците и заклучоците од оваа книга може да користат за решавање на проблемите и да ја предвидат иднината за Македонија и напишав колумна за МКД.мк точно пред две години. Бидејќи темата за лидерство е секогаш актуелна за бизнисот и политиката, ја досредив за овој форум.
Метафори за лидерството
Најавувајќи пресвртница во менаџментот тогаш, авторите го објаснуваат процесот на смената на парадигмата во лидерството: од стариот команден и контролен модел наречен „управувачки капитализам“ - во новиот интелектуален капитализам базиран на знаење.
Кај управувачкиот капитализам, професионалните менаџери ја контролираат организацијата централно што е типично кај стадата на бизони - кај нив водечкото говедо управува преку активности на планирање, организирање, иницирање и контролирање. Ова говедо, некаде споменувам бивол, а некаде бизон, но стилот е ист, го управува стадото во традицијата на концептот како господар-роб.
Кај ваквиот капитализам основното мото е: „Јас сум газдата и јас ги контролирам сите ресурси и ги користам како што мислам дека е потребно“. Главното говедо ги има сите права на сопствеништво и ги поседува сите системи и ги планира перформансите на сите. ВИ ЗВУЧИ ПОЗНАТО? Не сте единствени.
Главното говедо ги има сите права на сопствеништво и ги поседува сите системи и ги планира перформансите на сите. ВИ ЗВУЧИ ПОЗНАТО? Не сте единствени.
Според горе-спомнатите автори, постoјат две различни метафори за лидерството.
Менталитетот на стадо е начин на лидерство кадешто командата е централизирана и лидерот ги инструира и контролира своите вработени на сличен начин како биволот што го контролира своето стадо. Ова е стил на менаџмент кој е застапен и беше применлив во минатото во ерата на "управувачкиот капитализам". Овој тип на капитализам се карактеризира со нагласено управување на физичките средства и супервизијата на трудот.
Приодот на Беласко и Стејер е опишан како јатото на полските гуски кое лета во строга формација и кадешто лидершипот на јатото често се менува. Овој тип на управување и лидерство е многу поупотреблив во ерата на "интелектуалниот капитализам" каде знаењето и интелектуалниот капитал ја формира основата на економијата.
Стилот на лидерство на биволот
Во традиционалните структури на менаџментот секогаш постои еден централен менаџер, "водечки бивол". Овој бивол е одговорен за дневните операции на организацијата и ги донесува сите важни одлуки. Ако нешто се деси на водечкиот бивол или ако донесе погрешна одлука, остатокот од стадото обично седи мирно бидејќи не знае што треба да прави.
Ако нешто се деси на водечкиот бивол или ако донесе погрешна одлука, остатокот од стадото обично седи мирно бидејќи не знае што треба да прави.
Во минатото, луѓето биле учени да бидат лидери со карактеристики како што ги има водечкиот бивол и неговото стадо. Секој член од стадото претпоставува дека работата на лидерот е да планира, да командува, координира, контролира и да дава насоки-инструкции. Се сметало дека најдобрите лидери се тие кои прават брилијантни планови и имаат најмногу лојални следбеници. Ваквите лидери имаат моќ, се истакнуваат секаде и имаат контрола. Тие исто така работат напорно и долготрајно, опкружени со некреативни следбеници кои ги изведуваат задачите што ќе им бидат наложено. Тие работат не помалку и сигурно не повеќе од тоа што им е кажано.
Кога ќе станат потромави и ќе изгубат креативност, овие лидери не сакаат да ја пренесат моќта на други. Што е уште полошо, ваквите лидери не обучиле свој наследник ниту веруваат на некого што може да ги наследи. Затоа после одењето на таквите лидери, организациите долго не можат да најдат наследник и запаѓаат во кризи. Пример е со состојбата на Југославија после Тито. Организациите што се водени со ваков стил на лидерство може лесно да се препознаат. Тие не се иновативни, не се свртени кон иднината. Нивните членови се не се пожртвувани за нови идеи и не сакаат да преземаат ризици.
Лидерство во летот на гуските
Разликите во стилот на менаџмент базиран на стадото биволи и летот на гуските е голем. Со другиот тип на менаџмент и лидерство, со парадигмата на јатото од гуските, може лесно да се увидат придобивките од засилениот "тимски" приод каде што секој е вовлечен во активности за групата да може да стигне до посакуваната одредница.
Кога јатото од гуски лета во формација V, после некое време ќе се забележи дека лидерот се заменил со друг. Тоа е природниот пат за учење преку изведба. Лидерите инспирирани од гуските ги учат своите соработници, ги охрабруваат и им обезбедуваат средства да успеваат, да преземаат ризици и да можат да прават грешки без последици.
Лидерите инспирирани од гуските ги учат своите соработници, ги охрабруваат и им обезбедуваат средства да успеваат, да преземаат ризици и да можат да прават грешки без последици.
Особините на организациите инспирирани од гуските наспроти тие базирани на биволите, се спротивни: овие организации се високо конкурентни и релевантни на пазарот, иновативни, креативни и мисловно-насочени кон иднината.
Зошто летот на гуските?
Причината зошто гуските летаат во формација V е затоа што кога секоја птица мавта со крилјата го создава или засилува создава замавот на следната што доаѓа. На тој начин целото јато овозможува со истата енергија да се достигнат дополнителни 71% од растојанието. Иако гуската има мозок колку една маслинка, зошто гуските го можат тоа, а не можат луѓето? Многу лидери мислат дека најдобриот начин за успехот е да се потрудат посилно да работат или повеќе да контролираат.
Гуските сфатиле дека ако се здружени им треба помалку енергија да совладаат поголеми далечини.
Гуските сфатиле дека ако се здружени им треба помалку енергија да совладаат поголеми далечини. На пример, им треба 29% од енергијата за да совладаат 100% растојание. Ако лета сама, гуската употребува 100% енергија за 100% растојание. Тие како да разбираат дека нема голема врска помеѓу заложбите/напорите и ефикасноста. Може доста да се научи од гуските ...
Лидерите што користат методи како стилот на летањето на гуските им е разбирливо фундаменталното кај луѓето. „Ако му помогнеш на соработникот да открие во што е најдобар и му помогнеш да го развие тој свој потенцијал, ќе се добие ефектот на 80/20, а тоа е: со 20% напор може да постигнеш продуктивност од 80%.“ Ако лидерот креира култура во која ќе се охрабруваат луѓето да ги откријат и употребуваат своите природни таленти, и ако се наградува ефикасност наместо напор за изведба на задачите, ќе се креира организација на луѓе кои не само што ќе бидат продуктивни туку и исполнети. Моралот ќе се подобрува, непожелната конкуренција ќе се намали, а соработката ќе се зголеми бидејќи лидерството базирано на летањето на гуските е такво што секој победува. Секој човек има своја сопствена цел или мисија да ја исполни како и визија да биде успешен во таквата реализација.
Покрај сево ова, во таквата организација природните лидери се искачуваат на врвот и со тоа наследникот на главниот водач е полесен и побезболен. Ваквиот тип на надоаѓачки лидери не се плашат од промени или креативност, или пак се загрижени за сопствената моќ и контрола. Тие повеќе се заложуваат за учење на одговорност, компетенции, развој на карактери, и на сопствеништво. Кога таквата водечка гуска оди на одмор или се пензионира, многу други веќе се способни и спремни со енергија да преземат водство. Модерното лидерство е лидерство со стил на летањето на гуските.
Од сево ова може да се издвојат повеќе лекции, а ќе наведам пет:
Летање во јато. Гуските летаат во перфектна формација V која им овозможува совладување на растојанија и до 71% повеќе отколку ако летаат сами. Кога мавта со своите крилја, секоја гуска го засилува замавот на другите гуски позади. Партнерствата и тимската работа се значајни во денешно време бидејќи многу потешко може да се успее ако си сам.
Се држат до формацијата. Кога некоја гуска ќе се оттргне од формацијата, таа се труди напорно да се приклучи повторно на формацијата бидејќи само така оптимално ја користи својата енергија.
Ротирање. Со текот на времето, водечката гуска се изморува и се враќа на позадината од јатото за да ги наполни батериите, а друга гуска го презема водството. Оваа карактеристика е важна и овозможува рамномерно распределување на оптоварувањето во организацијата.
Трубење. Додека летаат, гуските се огласуваат со гласно назално трубење, составено од два до три слога. На тој начин се охрабруваат меѓу себе. Оваа меѓусебна комуникација им овозможува да ја држат оптималната формација при летањето. Независно од причините за звуците на птиците, за луѓето е важно дека треба да комуницираат и да се охрабруваат меѓусебно. Како соработници и граѓани треба да комуницираме ако нешто не е во ред или наидува проблем.
Не се напуштаат членови. Кога некоја гуска не може да лета заради болест, повредена од ловџија и слично, две други гуски излегуваат од јатото и седат со гуската додека се оспособи да лета или не умре.
Идното лидерство во Македонија
Какво лидерство е потребно за Македонија? Дали старомодниот модел на менаџмент базиран на стадото од бизони како што тоа го прават раководствата на владејачките партиии во последните дваесетина години? Или е посоодветен современиот модел базиран на летот на полските гуски во формација V?
Сметам дека концептот на „летот на полските гуски“ е многу поадекватен за Македонија. Секој ден има нова „птица“ која поведува. Секој од нас е со потенцијал и може да води. Ако некои водачи се оневозможени, кој е во притвор, кој е на пат, тоа не го спречува јатото да „граби“ кон целта за слободна и просперитетна Македонија.
За да успееме како држава, граѓанските иницијативи и партиите треба да го усовршат современиот модел на водење на државата бидејќи сеуште се приметливи рецидиви од стариот модел на управување кај дел од партиите.
###
Постот е првично креиран точно пред две години и објавен на мојата фејсбук страница https://goo.gl/qGvcsT како и на порталот https://www.mkd.mk/kolumni/bivol-stado-ili-let-na-polskite-guski.
#Лидерство #Стратегија