Креирањето на стратегии обично е доста интересна активност за раководствата. Иако има прилично работа при анализите и правењето планови, еднаш кога ќе се направи стратегијата, менаџерите најчесто се препуштаат на удобно менаџирање од фотелја.
Сепак, стратегијата е „гола вода“ ако не се посвети исто или поголемо внимание на имплементацијата на стратегијата. Имплементацијата е уште потешка активност од креирањето од стратегијата, а не е толку атрактивна работа за повеќето од менаџерите. Често пати менаџерите знаат да кажат: Не сакам да се замарам со оперативни работи.
Дефинирање на имплементација
Имплементација се опишува како конкретни мерки за преведување на стратешката намера во активности што ќе носат (произведуваат) резултати. Имплементацијата бара континуирано менаџерско внимание на сите нивои. За разлика од креирањето на стратегија која е претприемачка по природа и ориентирана кон пазарот, имплементацијата е ориентирана кон операциите (изведбата на активностите).
"Стратегијата е важна. Но нејзината имплементација носи резултати" - Palladium Group
Разликата помеѓу креирањето и имплементацијата на страгегијата може да се уочи и од самите термини што се користат во овие две различни активности.
Слика. Терминологија при креирање и имплементација на стратегија
Совршена имплементација е апсолутно неопходна и само таквата имплементација е способна да создаде богатство од придобивки за организацијата.
Усогласување на стратегијата со имплементацијата
За да се стигне од стратегија до имплементација потребно е да се внимава на повеќе структурни, човечки и ресурсни работи/проблеми. Еден од можните модели за имплементација на стратегијата е Седум-С рамката (анг. Seven-S Framework).
Под Седум-С спаѓаат:
Стратегија (анг. Strategy),
Структура (анг. Structure),
Системи (анг. Systems),
Стил (анг. Style),
Вработени (анг. Staff),
Вештини (анг. Skills) и
Надлежни цели (анг. Superordinate goals).
Било која успешна стратегија мора да се формира околу кохерентно и зајакнувачко множество од поддржувачки практики и структури. Ова е познато како усогласување (анг. Alignment). Во бизнисот, усогласување е ситуацијата во која организациската структура, системите за поддршка (ИТ технологијата), процесите, човечките вештини, ресурсите и стимулациите ги поддржуваат стратешките цели.
Слика: Усогласувања за имплементација
Креирањето на стратегија нема да носи резултати ако не се направи усогласување помеѓу седумте елементи кои го сочинуваат работењето на компанијата. На сликата погоре е претставено како секој елемент е поврзан со стратешките цели, а исто така и елементите се усогласени меѓусебно. Тоа е основата за евентуален успех на стратегијата, а со тоа и на организацијата.
Усогласувања се прават со методологијата Balanced Scorecard
Иако усогласувањата на елементите со стратешките цели изгледа комплицирана работа, таа може да се прави со методологијата Balanced Scorecard креирана од Dr. Kaplan и Dr. Norton. Повеќе за Balanced Scorecard има во оваа иста рубрика од форумот на Логин Системи.
Инспирација за написот добив од поглавјето "Од стратегија кон имплементација" во книгата "Strategy - Create and Implement the Best Strategy for Your Business", издадена од Harvard Business School Press. www.HBSPress.org
Споделете Ваше мислење со нов пост на форумот или коментирајте подолу на овој напис!
#Стратегија #Менаџмент #Имплементација #BalancedScorecard