ОГЛАСНИК М... 1991-ва година.
Дојде Зоран Радоњанин од Љубљана каде што беше редовен студент на Архитектонски Факултет. Со многу сила или поточно едвај ги собра другарите и говореше за некаков Огласник, демек даваш огласи со купон, истите се објавуваат во неделно списание и ете ги миљоните. Сите го гледавме бледо. Требаше време (два три месеци) да укапираме колку е саат. Се собравме петорица, Зоќа Пеџа Јохан Ѕоф и Џоле и направивме фирма, фирма во времето на Анте Марковиќ.
... почнавме БИЗНИС наречен БЕСПЛАТНИ ОГЛАСИ ... кај мене во подрум ...
После тешки маки, тогашна Југославија, поточно купување ласерски печатар HP2P (прв во Македонија) и два компјутери 286SX од Mlacar&Co од Љубљана со порачка-изјава, и хенди скенер со формат не поширок од 15 см и истите сместени во подрум кај мене (Јохан) на ул. Црниче бр.12, почнавме БИЗНИС наречен БЕСПЛАТНИ ОГЛАСИ и истите издадени во неделно списание ОГЛАСНИК М.
Проблемите со (секој) почеток на нов бизнис
Прв проблем - ФОНТОВИ. Мораше да ги купиме од ЗАГРЕБ, единствен дистрибутер на македонска кирилица (Хелветика и Тајмс), ама во БИТМАПА, или поточно, само 5-6 величини (8, 10. 12. 14. 24. 64). За оние што не знат, БИТМАПНИТЕ фонтови беше неможно да ги развлекуваш, и на монитор немаше можност за уотјугетуотјуси ;) Или поточно со макотрпно стекнато искуство, мислевме дека знаеме како ќе излезе од печатачот.
Првиот ОГЛАСНИК подготовка направена на ПАУС. ДЕВЕТТО Светско ЧУДО. Во печатница ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ каде беа почетоците на ОГЛАСНИК М, не’ гледаа “немо“, ништо не им беше јасно, бидејки до тогаш таму се редеа буквите со ОЛОВО...
... сами почнавме да продаваме по улици ... и на автопазар ... јадевме ќебапи и бевме многу смрзнати и многу среќни.
И така на 16-ти ноември 1991 година излезе првиот број на ОГЛАСНИК М. Печатени 5000 примероци, продадени 200. Мораше да се превземе нешто, и ние сами почнавме да продаваме по улици во епицентрарот на СКОПЈЕ, а богами и на АВТО ПАЗАР - Фершпед. Памтам после секоја продажба на АВТО ПАЗАР (недела), одевме во СЕРДАРОТ во Чаршија на ќебапи, и бевме многу смрзанти и многу среќни...
Почеток - ТЕЖОК. Поминаа 4-5 години за да стигнеме продаден тираж од 5-6000 примероци
Почеток како почеток - ТЕЖОК. Дистрибуција многу лоша. Тутун и Нова Македонија единствени дистрибутери. Нова Македонија со долгогодишно искуство, ТУТУН само што почна. Јас лично отидов кај тогашниот маркетинг директор Васо Ставриќ со кој се искарав во првите 2 минути бидејки бараше ексклузивитет во продажбата. После отидов во ТУТУН и таму бевме заедно со МЛАД БОРЕЦ првите две списанија на рафтовите на киосците на Тутун. Поминаа добри 4-5 години кога Огласник М стигна до продаден тираж од 5-6000 примероци.
Дополнителни поврзани бизнис активности
Во меѓувреме поради опремата која ја поседувавме, почнавме да се бавиме со класичен ДЕСК ТОП ПАБЛИШИНГ за потребите на Просветно Дело кое резултираше со минимум 500 книги подготвени од рацете на ОГЛАСНИК М. Подготовката ја работевме во софтвер ПЕЈЏМЕЈКЕР.
Во меѓувреме исто така може да се пофалиме со КОМПАНИЈА КОЈА ГО ИМАШЕ првото официјално умрежување на сите компјутери кои ги поседувавме. Не еднаш ни се случувало наутро да налетаме на Венко Глигоров од Логин Системи кој обично го наоѓавме под работните бироа, како ја пробува мести мрежата или каблите, со кои беа поврзани компјутерите.
КОРЕЛДРОУ, софтвер со кој правевме наслови со до тогаш невообичаени фонтови. На среќата и немаше крај.
Тоа беше голем напредок за нас, бидејќи веќе немаше потреба да се шетаме со дискети од компјутер до компјутер, да не кажам многу слично како и кога излегоа првите трутајп фонтови, поточно фонтови во “кривини“ кои можеше да се развлекуваат како што ќе ти се ќефне. Посебна радост е појавата на КОРЕЛДРОУ, софтвер со кој правевме наслови со до тогаш невообичаени фонтови. На среќата и немаше крај.
... прв телевизиски проект ЏАНДАР ЗБИРА ... Огласник М стана неделно списание
Во 1993-та година го направивме првиот телевизиски проект ЏАНДАР ЗБИРА, со кој достигнавме 12.000 продаден тираж, за да со вториот ЏАНДАР ЗБИРА во 1996 година достигнавме 60.000 продаден тираж, поточно период кога ОГЛАСНИК М стана неделно списание кое го почитуваше цела Македонија.
Во истото време, почнавме со издавање на неделникот M-EKSPRES кој набрзо достигна тираж од 30 до 40.000 неделно продадени примероци. Со тоа може слободно да се каже дека 1996/97 ние продававме околу 100.000 (Огласник М и М Експрес) примероци неделно.
... како може “децава“ нас да не’ “утепаат“ со продаден тираж, се прашуваа во Нова Македонија.
Памтам ПАНДЕ КОЛЕМИШЕВСКИ (легенда од генерален директор на НОВА Македонија) викнал итен управен одбор, со една точка на дневен ред - како ЕКРАН да го “утепа“ М ЕКСПРЕС и како може “децава“ нас да не’ “утепаат“ со продаден тираж. Во тоа време веќе и имавме дистрибуција и преку киосците на НОВА Македонија и Борба....
Самиот бизнис напредок, не' натера да издадеме уште едно неделно списание ЛОВЕЦ специјализирано за лов и риболов, да отвориме посебна компанија за подготовка за печатење поточно сепарација на бои или лаички кажано подготовка на филмови за печатење, и најглавното е првата приватна дистрибуција на весници во Македонија - МОЗАИК ...
Броевме 120 вработени ... и сакавме да го затвориме кругот!
Памтам, броевме над 120 вработени. Целта беше една, да го затвориме кругот... Издаваштво, Подготовка, Печатница и Дистрибуција. Имавме сè освен печатница. Сонот ПЕЧАТНИЦА се оствари после 2000-та година во партнерство со веќе реномираниот бизнисмен Г-дин Трифун Костовски - и кругот беше затворен.
Приказната завршува со продажба на сите бизниси на германски WAZZ
Сето тоа беше наградено со огромно растење на печатницата која после неколку години, заедно со весниците и списанијата беше продадена на Германската компанија WAZZ - и тука приказната завршува.
Меѓу другото го отворив Сокаче
Сите партнери се одвојуваат. Некој отвори фирма за производство на мебел, некој за производство на галантерија за Бањи, некој почна со градба на Згради, а ете јас меѓу другото отворив и ресторан СОКАЧЕ.
Слика: Атмосфера Сокаче (Извор: https://www.clubeconomy.com.mk)
Поентата ми е - сите отворивме бизниси кои беа тотално нови за нас, со што на крај може да се каже дека во сите бизниси бевме релативно успешни...
Бизнис совет(и)
Според мене има две категории на бизнис...
Првата е БИЗНИС кој сакам да го работам... И тоа е дефинитивно бизнис кој е 99% успешен. Тоа што го работиш со љубов и веруваш во истото, ретко се случило да не успее... Да напоменам дека од овој тип на бизниси може да има неколку врсти кои се тесно поврзани.
Тоа што го работиш со љубов и веруваш во истото, ретко се случило да не успее...
Втората категорија на БИЗНИС е резултат на првиот. Поточно спечалените пари ги вложуваш во БИЗНИСИ за кои претпоставуваш дека ќе донесат пари со претходна финансиска анализа, од типот на влог во акции на трети компании, вложување во туѓ труд, берза итн.
Јохан Елзесер
Instagram: johanelzeser
Facebook: Johan Elzeser
✅✅✅ Пријави бизнис приказна и совет на линкот тука ... ✅✅✅
Коментари од фејсбук во врска со историјата на Огласник М ...
Слободно додавајте ако има уште нешто ...