Почетоци
Желбата за разбирање и контрола на машини/техника и технологија со практичноста преку повремено работење во Германија на компјутеризирани машини-алатки (NC/CNC) секако ја одреди мојата патека за дипломирање на машинскиот факултет во Скопје во 1996 година.
Но запишан на факултет во една држава - СФР Југославија, а дипломирање во нова држава - Р. Македонија и со замена на општествено политичката формација од планска во пазарна не беше лесен предизвик за млад човек од Штип. Периодот беше таков да се затворија погоните на производните единици во РМ додека Владата во тој период силно газеше во дубиозна транзиција и приватизација.
Седејќи така дома со свежа диплома на машинец во рака, a во ваков амбиент, разумот вели дека лимитот е постигнат со дипломата, но перцепцијата и визијата за самиот себе како уште еден штрајкувач и another one bites the dust го нарушува задоволството за постигнатото дипломирање на „тежок факултет“.
Јасно ми стана дека дипломирањето и потрошеното време за знаења од машинство, а кои се занимаваат со законите на механиката и законите на природата и кои не се менуваат, малку можат да ми помогнат во услови на транзиција кога се менуваат законите на човекот. Јасно ми стана дека со законите на човекот се занимаваат правници и економисти и дека тие професии се потребни за промена на општествено политичката формација од планска во пазарна.
Рационалноста и практичноста на инженерството беше моја компаративна предност за успешно да магистрирам економија во Рејкјавик, Исланд.
И тогаш научив дека моменталното задоволство од една победа и дипломирање на машинство не можев да го прифатам како лимит за мојот животен век одреден поради транзицијата во РМ.
Тогаш научив дека во променливи амбиенти лимитите се всушност нови можности за секој од нас.
Дај напор за екстра милја
Пред 15 години го формиравме Центарот за економски анализи. Тој произлезе од мои лични фрустрации работејќи за УСАИД како главен економист на проект за фискални реформи во Министерството за финансии. Личните фрустрации беа од инертност на администрација, од луѓе кои се блендирале во амбиентот, од постојано повторување на истите грешки.
Желбата да се работи малку повеќе и на поинаков начин, да се даде дополнителен напор и да се помине екстра милја беше препознаена од УСАИД ...
Желбата да се работи малку повеќе и на поинаков начин, да се даде дополнителен напор и да се помине екстра милја беше препознаена од УСАИД кои ја подржаа идејата за нова форма на влијание на граѓаните на јавните политики преку Центарот за економски анализи.
Бев опкружен со млади луѓе, но ретки беа оние кои беа спремни да ја дадат онаа екстра милја ...
Бев опкружен со млади луѓе, но ретки беа оние кои беа спремни да ја дадат онаа екстра милја, оној маргинален дополнителен напор за да направат разлика помеѓу она што значи да направат доволно само за нивниот интерес и за нивното оџаче да чури или да дадат уште малку напор и за развој на заедницата.
Лимитирање на работење само за сопственото задоволство и интерес не дозволува развој на заедницата.
Ако сакате промени, ако процесите за промени ве прават среќни и ако сакате вие да носите промени во ваков амбиент, тогаш тоа бара следење на сопствениот инстинкт и бара осет за носење одлуки за подолг рок.
Бизнис совет(и)
✅ Бидете секогаш пионери во вашата област, одново и одново.
Ако се препознавате, тогаш советот е едноставен лупинг алгоритам секогаш да бидете пионер во областа, секогаш освојувајте нови знаења и вештини и не очекувајте награди веднаш и сега. Имајте јасна ваша рефлексија за тоа што е тоа задоволство и успех. Тоа се променливи категории зависно од вредносните системи изградени за секој од вас поединечно.
... не очекувајте награди веднаш и сега.
✅ Креирајте ги производите секогаш први во амбиентот.
За ваков пристап на работење прашањата: „ама зошто ова го работиш, тоа не функционира, рано е“ немаат смисла, особено во денешно време кога дневно се отвораат нови дејности и професии, кога дневно застаруваат професии, кога за период од неколку години застарува знаењето на дипломираните.
во денешно време ... дневно застаруваат професии ... за период од неколку години застарува знаењето на дипломираните.
✅ Конечно, работете така да непознатото стане ваш советник за ваши идни успеси без лимити.
Со ваков пристап на работење секогаш со себе ќе го носите она задоволство од освојување на нови знаења и возбудата за тоа како и на кој начин тие да се применат во вашето работење.
Овој пристап ве ослободува од стравот од непознатото бидејќи вие дневно ќе работите со непознатото за да го вработите во нешто корисно.
Лимит за личните амбиции е рационализација и замка на моментално задоволство. Претвори го во предност!
Марјан Николов
Facebook: Marjan Nikolov
За Центар за економски анализи
Центарот за економски анализи (ЦЕА) е истражувачки центар составен од економисти кои делат заедничка визија за Република Македонија како нова европска економија во подем, интегрирана со регионалните и светските пазари. ЦЕА е основана во март 2003 година.
Главната мисија на ЦЕА е постојано да ги истражува економските случувања и јавната политика во Република Македонија и да понуди препораки, предлози и мерки на владините и невладините институции.
Веб: https://cea.org.mk/
Facebook: Center for Economic Analyses - CEA
Ја очекуваме твојата бизнис приказна и бизнис совет на адресата www.LoginSystems.biz/biznis-prikazna
#МојатаРабота #БизнисСовет #БизнисПриказна