Сопственик сум и извршен директор на “Barcode consultancy and expertise”.
Во последно време се дефинирам себе како Cloud Manager. Идејата за Cloud Manager произлезе од моето сопствено искуство. Имам работено како топ менаџер и на двете страни во браншата. На едната страна бев одговорна за креирање и операционализација на маркетинг и организациски кампањи и проекти за голем број интернационални и локални брендови како што се Џони Вокер, Смирноф, Моет Шандон, Евиан, Сангрија, Криолан, и неколку асоцијации, но исто така, во улога на издавач на првото македонско списание за угостителство, BAR CODE, барав од компаниите да ги поддржат моите маркетинг проекти и да се огласуваат кај мене.
... во малите претпријатија недостасуваат компетенции и капацитети за постигнување високи резултати.
Со моето искуство од повеќе од 20 години ги научив процесите на размислување и одлучување во малите и големите фирми од сферата на маркетингот, комерцијата, дистрибуцијата и хореката, и заклучив дека, особено во малите претпријатија недостасуваат компетенции и капацитети за постигнување високи резултати, било да е тоа во делот за продажбата или во делот на промовирањето.
Поради тоа добив идеја дека еден менаџер на повик би бил идеално решение за било која, а особено за мали или специјализирани фирми, кои би ја добивале менаџерската услуга само кога ќе им биде потребна, со огромна заштеда на финансии, ресурси и време, без да инвестираат во кадрови и организациски решенија.
Комфорт зоната не носи напредок.
Застапник сум на ставот дека успешниот човек треба секогаш да биде отворен кон новите сознанија и предизвици. Комфорт зоната, според мене, не носи напредок.
Сакам да пронаоѓам и да откривам, да споделувамм и да учам, но и да менторирам и да го пренесам своето знаење на помладите или понеискусните. Се гледам себе си како човек кој постојано сака да да набљудува и да анализира, да не прави чекори во празно. Не сакам рутина и недостаток на предизвици.
Бизнис совет
Ако претпоставиме дека повеќето успешни деловни луѓе би се сложиле околу тоа дека за успех секогаш е потребно да се има визија, дисциплина, упорност, потреба за иновација, етика, добар тим околу себе и високо ниво на знаење, јас во тој случај не би се задржувала на презентирање на совети околу овие теми, туку би се фокусирала и би се обидела да анимирам една друга тема која кај нас е малку запоставена.
... за успех секогаш е потребно да се има визија, дисциплина, упорност, потреба за иновација, етика, добар тим околу себе и високо ниво на знаење ...
Мојот совет би бил:
што почесто и во поголема мерка, да се практикува менторирањето односно да се популаризира деловното менторство кај нас.
Зошто сметам дека менторирањето е значајно? Освен што претставува пренесуваање на знаења и вештини, менторирањето обезбедува и професионална социјализација и поддршка која на идните генерации им обезбедува деловна самодоверба и храброст. А токму овие деловни карактеристики ги лоцирам како најголеми пречки за деловен развој кај нас.
Искрено верувам дека со зголемувањето на свесноста околу менторирањето ќе се даде поттик за побрз напредок и ширење на позитивна бизнис клима во сите сфери.
Радмила Павловска
Instragram: radmilapavlovska
Facebook: Radmila Mila Pavlovska
http://barcode.com.mk/
#МојатаРабота #БизнисСовет #БизнисПриказна #Стратегија #Менаџмент #ERP