За да поднесете различни документи по електронски пат во државниве институции како УЈП, Централен Регистер но и да вршите плаќања преку банките, ви треба електронски сертификат и потпис издаден од овластено тело во Македонија. Овозможувањето за доставување на документи и плаќање по електронски пат е одлична работа и заштедува многу.
ℹ️ Дека не сум лаик за проблематиката, а воедно имам и свој скромен придонес во неговото раѓање, ќе ви кажам дека пред нешто помалку од 20 години, како член на комититетот „е-Македонија за сите“ кој што беше воден од Претседателот Трајковски, предложив забрзано да се воведе електронско потпишување и електронско работење со документи на ниво на држава. Потоа на членовите на комитетот и на Претседателот лично, одржав предавање/презентација за основите на електронското потпишување како и вовед во е-трговијата.
Набргу после тоа, откако беше усвоено дека ова треба да се воведе со забрзани чекори, Претседателот Трајковски силно лобираше за неговото започнување, а бидејќи имаше претставници (пратеници) од Собранието како и лидери на партии во Комитетот, процеост почна да се изведува.
Да се навратам на патешествијата и самоволието ... За да стигнете до тоа да можете да потпишувате, има една конфузна и недоволно објаснета постапка. Овластена организација за издавање на вакви сертификати е КИБС - Клириншки интербанкарски системи. Повеќе на https://www.kibs.mk/.
Како работи КИБС?
Просто кажано, електронскиот сертификат што го генерира за вас, го става на УСБ стик (го нарекуваат токен) заедно со пропратен софтвер и лично се дава на овластеното лице за потпишување.
Пред 3 години од КИБС набавив УСБ стик за кој тогаш разбрав дека го купувам за трајно и на него ќе се снимаат електронските сертификати кога ќе истечат. Тоа значи дека после 3 години не треба пак да купувам стик туку само сертификат. Стикот го наплаќаат некои си 3000 денари плус самиот сертификат, ако ме држи сеќавањето. Си викам, во ред.
(1️) Нов стик!?
Некаде во февруари 2022 ми истекуваше сертификатот и како што видов од инструкциите за обновување, треба да пополнам порачка на нивниот сајт. Пополнив порачка и добив број на порачката и пишуваше дека треба да платам 5620 денари. Погодувате, УСБ стикот од претходниот пат не важи затоа што се сменил провајдерот во КИБС и требаше да се земе нов УСБ стик - нови 50на евра. Бидејќи веќе завлегов во постапката, си викам: ајде, не можеш со „држава“ да се разјаснуваш. (КИБС инаку е приватна фирма на банките, а си користи привилегии како државна фирма).
Ги уплатив бараните пари од 5620 денари на 15.02.2022 (запомнете го износот за момент) при тоа внимавајќи да не го утнам бројот на порачката затоа што како што пишуваше или како што разбрав, нема да знаат потоа кој им платил. На емаил добив некаква потврда дека сум порачал, но не добив копија од порачката (порачката е всушност еден поголем формулар во кој наведуваш различки податоци за себе и фирмата).
(2) Печатена порачка!?
Тука доаѓа второто непријатно изненадување. Ми велат дека за да подигнам УСБ стикот заедно со сертификатот, морам ЛИЧНО да одам и да ја донесам и порачката. Молам? Им велам, порачката јас ви ја доставив со пополнување на сајтот, а сега вие ми барате да биде отпечатена. „Не ги чуваме порачките“ нешто во тој стил ми одговорија од нивната служба. „Никаде не пишуваше дека порачката треба да ја отпечатам, а секој нормален сајт со некакви набавки, испраќа назад на клиентот по емаил содржина на порачаното.“ Џабе ми беше што им укажував на ова, едноставно ми кажаа: „Ако не донесеш печатена порачка, нема да добиеш сертификат.“
(3) Не прифаќаат веќе уплатено по стара цена!?
Се изнервирав ама што да правам, ќе играм како што свират. И сега налетувам на ново, трето изненадување. Бидејќи старата порачка ја нема, правам нова порачка. Во меѓувреме КИБС си одлучиле да ја зголемат цената и сега истата таа порачка наместо 5620 денари сега чини 5970 денари - дополнителни 350 денари (или некаде 5 евра плус ДДВ повеќе).
Им велам дека јас уредно си платив по стара цена и дека не треба да доплаќам, исходот се знае кој е - ако не платиш, ќе немаш сертификата. И си доплатив.
(4) Служба за поддршка со копи-пејст текстови
Посебно искуство имав со нивната служба за поддршка. Им поставуваш конкретно прашање, а тие ти одговараат со копи-пејст огромен текст, скоро истиот како од веб сајтот. Значи, ако не ти е јасен текстот од веб сајтот, службата пак ти го праќа истиот. Дури на третиот емаил, откако побарав да ми одговори директно на прашањето, со куса реченица и да ми биде јасен одговорот - „дечкото“ таму ми одговори.
(5) Проблеми со другите институции!?
Изнанадувањата продолжуваат ... Откако ти го даваат сертификатот, добиваш емаил и на него пишува дека може да се користи за банките и за државниве институции. Но немаше конкретни напатствија како се прави тоа. Случајно од агентот што ми го даде сертификатот дознав дека треба да се јавам на банката за да ми го овозможат сертификатот - но тоа не беше доволно. Потребно било уште нешто да се направи за да работи. Тоа го дознав откако побарав помош преку емаил.
За разлика од УЈП сајтот, кај кој немав проблеми со сертификатот, беше доволно да го пријавам на неговиот сајт, кај Централен Регистар налетав на проблеми. Имено, на профилот на сајтот на Централен може да се смени сертификатот, но кога ќе дојде до потпишување, ти кажува дека потписот не ти важи. За ова негативно искуство, што ме чини дополнителни пари и време, во наредна прилика.
Се прашувам: 🙄
Што е проблемот КИБС да не направи упатство за „производот“ што го продава за да не мора да губиме време да откриваме како тоа се прави кај другите сајтови?
Инаку, добив емаил од КИБС за да го објаснам моето искуство со нивната поддршка, и овие работи им ги објаснив. Не добив никаков повратен одговор. Се прашувам зошто бараат фидбек кога не се способни ни фала да кажат за тој фидбек.
Сега откако го пишувам ова, можно е да реагираат дека подобро било да сум им кажел нив, ама како што пишав - моето искуство веќе го пратив преку емаил.
Го споделувам ова со надеж дека КИБС и останатите како КИБС ќе се свртат накај своите клиенти и ќе ги прилагодат своите процедури и однесувања согласно реалните услови на работење. Пеесетина илјади фирми и управители зависат од ваквите нивни процедури и правила.
❤️МК
ПС КИБС е една од најорганизираните фирми/агенции во Македонија, можам да замислам како е со другите. Тешко нас ...
Иницијално, постот го објавив на мојата страна на Фејсбук.