Има или нема Пејпал за наплата во Македонија? Некои по социјалните мрежи кажуваат дека наплата на Пејпал официјално не е достапна во Македонија.
Само за потсетување, наплата преку Пејпал се изведува преку отворање на бизнис сметка (уште се вика сметка за трговци). Да земеме дека официјално е така.
Од друга страна да се обидеме да одговориме на следните прашања:
❓ Дали во пракса може да се отвори бизнис сметка во Пејпал? Да. ✔️ (линк тука)
❓ Дали може да се наплатува со македонски картички? Да. ✔️ (линк тука)
❓ Дали легислативата во Македонија се прекорачува? Не. ❌ (линк тука)
❓ Дали е пракса Пејпал дополнително да проверува податоци за сопственикот на бизнис сметката? ✔️❌ Може, а и не мора. Како што може за било кој друг во светот да важи ова дискреционо право на Пејпал, така и за Македонија. (линк тука).
Дали приодот на Пејпал е различен од приодот на другите?
Однесувањето на Пејпал воопшто не се разликува од градењето на пазар на било која странска компанија кој имала во план, започнала и/или веќе работи во Македонија.
Праксата во градењето на нови пазари и изборот на земјите во кои ќе инвестира Пејпал не се разликува ни кај нашите компании кои имаат планови и извезуваат надвор од Македонија.
Како е кај македонските компании за извоз во други земји?
Земете во било која индустрија. Дали Алкалоид и Витаминка отвораат пазари секаде одеднаш? Секако дека не. Најчесто, прво избираат земји за директна соработка, а останатите ги оставаат на стихијата и/или на обработка од страна на земјата со која има директна соработка.
На пример, фирмата прво воспоставува „претставништво“ во Холандија, а другите околни земји како Белгија, Луксембург, Данска па и Полска се снабдуваат индиректно преку оваа земја. Ако се зголеми интересот и Холандија не може да постигне да ги опслужува, тогаш се отвора претставништво во Полска, на пример. Од таму се опслужуваат Чешка, Словачка, а може и балтичките земји.
Како е кај странските компании за влез во Македонија?
Еве да земеме пример со странски брендови.
Дали на пример, во апаратите за домаќинство, машини за перење, од странски брендови (освен можеби од екс Југославија), има упатство на македонски или албански јазик во оригиналната документација?
Некни купив машина за перење, упатствата и другата документиција што доаѓа со самиот производ - се на сите други јазици освен македонскиот. Македонија не е излистана во таквите документи. За тие брендови, Македонија не постои односно ако некој се јави кај производителот и да праша дали го поддржуваат македонскиот пазар, ќе ви одговорат: „Немаме директно присуство или не постои за нас македонскиот пазар. Работете со Бугарија“ (м.з. ќе ви кажат било која земја што е најблиску до Македонија кадешто фирмата го има препознаено пазарот).
Не е невообичаено да ве преупатат во Австрија или Унгарија, а понекогаш знаат да кажат дипломатски: „Македонија е интересен пазар за нашата компанија, го следиме развојот и во наредниот период може да инвестираме“.
И сега се поставува прашањето дали Македонија и македонските потрошувачи треба да чекаат и некој момент во иднината компанијата да го отвори официјално македонскиот пазар. Или наместо да се потпира на судбината, да почнат македонските компании или индивидуи да го користат/купуваат соодветниот производ за да побрзо се официјазира влезот на соодветната компанија. Ако види дека бројките одат нагоре, ниедна компаније нема да сака да пропушти нови можности за деловни приливи.
Кокошка или јајце ситуација: случајот со Мајкрософт
Ќе ви кажам и со мој пример. Во услови кога пиратскиот софтвер на Мајкрософт во Македонија беше во зенитот, прашав официјално лице во Мајкрософт кога може да очекуваме канцеларија на Мајкрософт во Скопје и македонска верзија на Windows или Office? Ми рекоа: „Имаме стриктно зацртатно дека за да има верзија на Windows или Office потребни се продажби од X пакети на Office. За да отвориме канцеларија на Мајкрософт во Скопје и да вработиме луѓе, во Македонија треба да се продава софтвер на Мајкрософт од најмалку Y долари неколку години по ред.“
И така се наоѓавме во ситуација дека има мала продажба на Office затоа што нема Office на македонски јазик, а Office нема на македонски јазик затоа што има мала продажба. Чаробен круг од кој не се гледа излез. И наместо да се откажам, решив да убедувам луѓе да набавуваат оригинален софтвер. Ги потенцирав придобивките од оригинален софтвер наместо пиратски. И почна продажбата. Епилогот веќе од пред десетина години е: Мајкрософт, како ретко која светски позната компанија отвори своја канцеларија во Македонија, вработи луѓе во Македонија, а Windows и Office можат да се користат на македонски и албански јазик.
Што да правиме со Пејпал сега?
Нема друго. Пејпал за наплата треба да се користи ако се има потреба од тоа. Да не се чека. Со чекање се успорува самиот деловен циклус на нашите компании, а одлуката Пејпал да ја официјализира соработката со Македонија се пролонгира. Но затоа Пејпал отвора „прозорчиња“ за да може да се зголемува бројката на трговци/претприемачи што ќе отвораат бизнис сметки во Македонија.
Ако мислиме дека Пејпал сам од себе и од милостина ќе го официјализира македонскиот пазар, најверојатно сме во грешка. Пејпал сака да види претприемачи, бизнисмени кои ги искористуваат постоечките можности за работа со Пејпал. Кога ќе почне да расте оваа бројка, тогаш се активираат пазарните механизми/процедури на Пејпал за да инвестира во Македонија.
Од нас зависи. Или прифаќаме сегашната реалност и активно се вклучуваме во побрзата на одлука на Пејпал, или чекаме без изгледи некогаш Пејпал да ја официјализира соработката со Македонија. Ако нема „користење“, Пејпал тоа го разбира како немање интерес и немање пазар. И толку ќе биде од официјализирањето на Пејпал во Македонија.
Корисни линкови:
📝 Одговори на некои често поставувани прашања за Пејпал за Македонија - јануари 2021
📝 Евидентирање на наплатата преку Пејпал во сметководството или даночната управа УЈП
📝 Како-да: Проверка дали е до картичката, до банката или до акаунтот Пејпал (заедно со земјата)
📝 Како-да: Креирање на бизнис сметка на PayPal за продажба на производи/услуги и прием на пари
📝 Даночен третман на плаќање и провизии кај PayPal трансфери