Редовно добивам пораки во инбокс на мојот личен профил на Фејсбук, на мојата страница како и на страницата на Логин Системи. Се поставуваат прашања, се коментира состојбата или се бара помош и гаранција во врска со продажба/наплата преку Пејпал во Македонија.
На сите истото им го кажувам, а тоа е дека немам ниту ресурси ни капацитет да одговорам на индивидуални прашања испратени во инбокс. Жалам што бизнисот и животот се сурови и треба да се мисли во прв ред на сопствениот опстанок и развој.
На сите истото им го кажувам, а тоа е дека немам ниту ресурси ни капацитет да одговорам на индивидуални прашања испратени во инбокс.
Лебот го заработувам со активности кои немаат врска со Пејпал. Мојата работа е поврзана со поставување и поддршка на софтверски решенија за деловно работење на средни и големи организации (базирани на Microsoft Dynamics 365 Business Central). Пејпал го работам во слободно време и во зависност од расположивоста/интересот на овој форум. За повеќето од прашањата, не сум ни овластен да одговарам, немам искуство ниту можам да давам гаранции. Може само да искажам мое мислење кое не секогаш може да биде точно - иако се трудам да бидам кредибилен извор поктрепен со факти и лични искуства.
Сепак, за да може да помогнам на заинтересираните за Paypal, формирав рубрика на форумот на Логин Системи (www.loginsystems.biz/paypal) кадешто може да се поставуваат прашања, други може да изнесуваат свои искуства, да се развие дискусија – со други зборови да се создаде една база на знаења и искуства кои ќе помогнат на поголем број на заинтересирани.
Можам да кажам дека форумот си најде свое место и има одлични објави од многу автори, повеќето експерти од платежни системи, даноци, сметководство или ИТ технологии.
Групи на прашања со објаснување
Од досегашното искуство, се наметнуваат неколку групи на интерес и соодветно на тоа и прашања. Ќе се обидам да дадам појаснување со евентуални линкови за повеќе информации.
Банки и картички
Со сигурност може да се каже дека Мастер картичките во ниедна варијанта не работат со наплата на пари од Пејпал. Од ВИСА картичките, мое лично искуство имам со НЛБ и тие работат во варијанта за како лична картичка или бизнис картичка од фирмата. Дополнително, картичката може да биде дебитна или кредитна за наплата – впрочем, на вашата картичка ќе влегуваат приливи, нели? Повеќе има на Како-да: Оспособување на VISA картичка од NLB за прием на пари.
Другите банки може да поддржуваат, а на форумот има написи дека некои успеале со Стопанска банка Скопје. Оваа објава може да ви помогне Кои кредитни/дебитни картички поддржуваат продажба преку Пејпал - проверете дали има опција Ауто-трансфер.
Даноци и легалност
Во врска со тоа дали наплата може да прави физичко лице или правно лице, тоа за Пејпал не е пречка. Секако дека за да може да се наплатува, потребно е да се извади бизнис акаунт во Пејпал.
Тоа што е важно дека вршењето на промет е опфатено со нашите закони и важат истите одредби како за наплата во кеш или преку банка. Кусо кажано, ако сте фирма, приходот се пријавува во сметководството, а ДДВ се искажува согласно одредбите од законот за ДДВ. Ако сте физичко лице, тогаш се пресметува согласно законите за физички лица, а пред се’ прописите поврзани со персонален данок.
Овој напис може да ви помогне во разјаснувањето на дилемите околу ДАНОЧЕН ТРЕТМАН НА ПЛАЌАЊА И ПРОВИЗИИ КАЈ PAYPAL ТРАНСФЕРИ.
Пејпал и Македонија
Ова е често прашање и одговорот потпаѓа во делот на познатото „што е постаро, кокошката или јајцето?“. За да може да се наплатува, потребно е да се има бизнис акаунт во Пејпал. За да се има бизнис акаунт, мора да се поседува личен акаунт за да бизнис акаунтот има подлога.
Технички е можно да имате личен акаунт со адреса како од Македонија, само државата да биде Албанија. Потоа во бизнис акаунтот кажувате дека работите во Македонија. За македонските прописи ова е прифатливо решение бидејќи е овозможено отворање на сметки во странство (ОТВОРАЊЕ СМЕТКИ ВО СТРАНСТВО НА МАКЕДОНСКИ РЕЗИДЕНТИ – ЛИБЕРАЛИЗИРАЊЕ (МОЖНОСТ ЗА ОТВОРАЊЕ НА PAYPAL СМЕТКА)). Бидејќи земјата на стопанисување е Македонија, а и платежните картички се од македонски банки – нема пречки во тој дел. Секако дека треба да имате предвид и даночните импликации за да бидете во согласност со македонските закони.
Официјално, личен акаунт со назначено дека државата е Македонија, може да се надгради на бизнис акаунт со Македонија – но во ваквите случаи, опцијата за наплата е оневозможена.
Се враќаме на кокошката и јајцето. За Пејпал, Македонија е мал пазар затоа што така проценува Пејпал. Затоа е овозможено личните акаунти со Македонија да може да купуваат. За да се заинтересира Пејпал и ја официјализира официјализира можноста за наплата, потребно е да се отворат повеќе бизнис акаунти во Македонија и да почнат да наплаќаат. Затоа е важно да се отвораат што е можно повеќе бизнис акаунти од Македонски граѓани и фирми.
Моменталниот софтвер на Пејпал ја овозможува опцијата со личен акаунт со македонска адреса, а држава Албанија, а бизнис акаунтот да биде incorporated во Македонија. На тој начин се овозможува продажбата и наплатата на производи и услуги.
Претходните години овакците комбинации не беа можни и Македонија не беше излистана во земјите за водење бизнис (incorporated in).
Сигурност и евентуални ризици
За сите корисници и трговци во цел свет важат исти правила. Ако Пејпал увиди дека се можни злоупотреби, привремено го става акаунтот на „чекање“ (on hold) за да се расчисти евентуалната дилема. Некогаш тоа може да е заштита од неовластени обиди за пробивање на акаунтот, некогаш може да е од износите, а некогаш ако има поплаки од корисници.
Дали Пејпал може да побара документи за адреса? Веројатно - да. Немам искуство за тоа до сега. Дури и да побара адреса, според мое мислење, вие може да ја дадете македонската адреса ако истата сте ја навеле како адреса на личниот акаунт. Исто така и адресата на бизнис акаунтот кој секако е во Македонија.
Мислењето и информациите што се споделени во оваа објава се лични и не се официјални толкувања на Пејпал и на државните институции во Македонија. За правни аспекти, проценки на ризици како и сметководствени прашања, најдобро е да се советувате со вашиот бизнис партнер, со некое економско правно биро и/или со вашиот сметководител. Секако, совет од вашата банка од која ја имате платежната картичка исто така може да биде корисна.
Ако имате прашања, може да ги поставите тука на форумот (https://www.loginsystems.biz/forum/platezhni-sistemi-paypal/create-question) и некој од членовите или експертите да ви одговори.
Ако ви треба помош во реализација или консултации еден-на-еден, за одредена речиси симболична надокнада може да закажете онлајн состанок на линкот тука - www.loginsystems.biz/book-paypal.
Со успех. Имајте на ум дека без одреден ризик нема напредок. Без поголем број на иницијатори за креирање на бизнис сметки од Македонија, за Пејпал ќе бидеме неинтересни за било какви инвестиции.
❤️🇲🇰