Висината на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа ја определува работодавачот, односно Фондот за здравствено осигурување со општ акт, но најмалку во висина од 70% од основицата за надоместокот на плата (член 17 од Закон за здравствено осигуривање - ЗЗО).
Со ЗЗО утврден е исклучок кога висината на надоместокот на плата за време на привремената спреченост за работа предизвикана со повреда на работа, професионална болест, за време на давање крв, ткиво или орган, како и за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство е утврдено да изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата утврдена според член 16 на ЗЗО.
Максималниот износ на надоместок на плата согласно член 17 од ЗЗО, изнесува четири просечни месечни плати исплатени во Републиката во претходната година. ЗРО не го определува минималниот износ на надоместокот на плата поради боледување, но тој е утврден со општите колективни договори.
Приватен сектор
Имено, согласно член 31 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (“Службен весник на РМ“ бр.150/12, 189/13, 119/15 и 150/16, во натамошниот текст: ОКДС), надоместокот на плата за време на отсуство од работа поради болест или повреда, изнесува:
до 15 дена спреченост за работа, 70% од основицата;
над 15 дена спреченост за работа, 90% од основицата.
Јавен сектор
Согласно Општиот Колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на РМ” бр. 10/08 и 85/09, во натамошниот текст: ОКДЈ) надоместокот на плата за време на отсуство од работа поради боледување изнесува:
до 7 дена спреченост за работа, 70% од основицата;
до 15 дена спреченост за работа, 80% од основицата;
над 15 дена спреченост за работа, 90% од основицата.
Напомена: основица за исплата на надоместокот на плата согласно член 28 од ОКДС, како што е погоре наведено, е просечната плата на работникот од последните 12 месеци, доколку со закон поинаку не е определено, а согласно ОКДЈ е исплатената плата на работникот во последните три месеци.
Извор: МСФИ www.msfi.com.mk