Стратегија за прв пат се јавува како војнички поим (од грчкиот збор stratego) кој се користи за да се опише уметноста на војување на генералот. Под стратегија се подразбира планот на генералот за распоредување и маневрирање на неговите сили со цел да се победи војската на непријателот.
По аналогија, во деловниот свет стратегија е план за контролирање и рационално користење на ресурсите (човечки, физички и финансиски) на организацијата со цел да се промовираат и да се заштитат виталните интереси. Професорот од Харвард, Мајкл Портер, ја дефинира стратегијата како една поширока формула за тоа како бизнисот ќе конкурира на пазарот.
Брус Хендерсон: акциски план
Според Брус Хендерсон, основачот на Boston Consulting Group, стратегија е намерна потрага за акциски план кој треба да развие деловна конкурентска предност. Конкурентската предност се стекнува преку различностите во однос на конкуренцијата.
Мајкл Портер: конкурентност
Мајкл Портер ја проширува оваа идеја за различностите и укажува дека конкурентска стратегија е да се избере различна комбинација од активности за да се испорача уникатен микс од вредности (за купувачите). Кусо кажано, стратегија е план кој има за цел да овозможи конкурентска предност на организацијата во споредба со ривалите преку различности (диференцијација).
Стратегија е да се разбере и знае што се работи, што се сака да се биде и тоа што е најважно, фокусирање на тоа како се планира да се стигне до целта. Стратегија е и да се знае што нема да се работи.
Стратегија е интегриран сет од избори (одлуки) кои ја позиционираат фирмата, во одредена индустрија, да оствари супериорни резултати што ќе траат подолго време.
Звучна стратегија имплементирана со вештини ги одредува целите и насоката што им е потребна на менаџерите и вработените на секое ниво во организацијата за да се дефинира нивната работа и да се направи да биде успешна.
Хенри Минцберг: сафари на стратегии
Според Хенри Минцберг, слика подолу, ако ја означиме првата дефиниција за стратегијата како стратегија со тенденција (анг. intended strategy), а втората како реализирана стратегија (анг. realized strategy), тогаш може да се направи разлика што се осмислени стратегии (анг. deliberate strategies) од надоаѓачки стратегии (анг. emergent strategies).
Кај осмислената стратегија, намерите кои постоеле претходно се реализираат, а кај појавната (надојдената) стратегија се јавиле некои форми и настани кои ја доразвиле стратегијата - иако претходно не постоеле некакви намери. Дел од стратегијата со тенденција не секогаш се реализира најмногу заради надојдената стратегија и таквиот дел се нарекува нереализирана стратегија (анг. unrealized strategy).
Минцберг во својата книга „Сафари на стратегии“ дефинира 5 типови на стратегии и тоа: (1) стратегија како план, (2) стратегија како појава/форма, (3) стратегија како позиција, (4) стратегија како перспектива, и (5) стратегија на залажување. Според Минцберг, постојат повеќе школи или правци за дефинирање на стратегијата кои ги опишува во книгата „Сафари на стратегии“.
Каплан и Нортон: Balanced Scorecard
Др. Каплан и Др. Нортон, основачите на методологијата Balanced Scorecard, се фокусираат на изведбата на стратегијата кај фирмите и организациите во јавниот сектор.
Дефинирањето на стратегијата според Balanced Scorecard тргнува од стратешката агенда за промени.
Ако е тоа така, за Др. Нортон, стратегија е менаџирање на промените.
Повеќе теми за стратегија, менаџмент и balanced scorecard има на форумот тука.
За полесно пронаоѓање #BalancedScorecard #Стратегија