Во октомври 2003та за прв пат се видов со Мајк Зафировски, тогашен претседател и главен оперативен директор на глобалната Motorola. Беше дојден со агедна да имаме серија од состаноци со луѓе на разни позиции во бизнисот и политиката во Македонија.
Додека го пиевме утринското кафе во бизнис клубот на Логин Системи (сликата подолу е од тоа време), го прашав каква стратегија може да направиме за забрзан развој на Македонија. Мислев ќе рече да имаме работни групи, па да пишуваме материјали. Наместо тоа, ми побара еден лист хартија. Зачудено му дадов. Напиша неколку точки и ми посочи "Знаеш, најдобрата стратегија се пишува на една страница. Ако требаат повеќе страници, таа стратегија не е добра - ќе биде неразбирлива и нема да може да се изведе."
Од овој настан научив многу - ми беше од голема помош во бизнисот и мојот општествен ангажман. Ние претходно имавме сознанија дека стратегија за држава и за бизнис треба да биде некој обемен материјал од неколку стотина страници и задолжително треба да ја пишуваат професори и академици од институции каква што е МАНУ.
Подоцна се запознав со методологијата за изведба на стратегија наречена Balanced Scorecard, иницијално креирана од Др. Каплан и Др. Нортон. Според таа методологија, стратегијата се опишува исто така на една страница и се визуелизира со помош на стратешка мапа. Само таквиот приказ на стратегијата може лесно да се комуницира со останатите и да се изведува успешно. Се подразбира дека за да се изработи едноставна и разбирлива стратегија, претходно треба да се чита многу, да се анализираат состојбите, да се постават целите, да се осознаат капацитетите на организацијата или на државата. Повеќе за стратешкиот процес има на линкот "Стратешки процес".
Сепак, основната девиза треба да е: најдобрата стратегија е напишана на една страница.
#Стратегија #Менаџмент