Продажбата е еден од клучните процеси во секоја компанија. Колку побрзо се одвива процесот на испорака и фактурирање, толку побрзо ќе се создадат услови за прием на пари за возврат на продажбата на производот или услугата.
Ако маркетингот генерира лидови (можности за продажба), во продажбата се прават понуди, се врши преговарање и се договара лидот - за потоа да има испорака на договореното. Ако во инката, слика подолу, се креираат многу можности и истите не можат да се преточат во реализација, тогаш најверојатно се работи за слаба продуктивност на продажниот дел или хиперпродуктивност на маркетинг делот.
Автоматизирањето на процесот на продажба и целосното следење на истиот во сите фази е императив за модерните организации.
Во денешно време да работиш одвоено е ... споро и скапо
Лично, ме изненадува како сериозни средни (за наши услови) и поголеми мали фирми работат одвоено: најчесто, во еден програм прават понуда, во друг програм прават фактури, во трет програм вршат прием и испорака на производи, а често во четврт програм водат евиденција на уплати. Згора на се', потоа сето тоа треба да се прокнижи во сметководството. Премногу комплицирано и со огромна веројатност за грешки во одлучувањето заради несинхронизирани податоци.
Во пракса, овие одвоени активности се викаат програм за материјално работење, програм за сметководство и програма за комерцијално работење. Понудите обично се прават во Microsoft Office со урнеци во Word или во Excel - сум сретнал понуди и во Power Point.
Концепт за интегрирано работење
Концептот за интегрирано работење во продажбата е применет во софтверските решенија кои се нарекуваат ERP решенија. За да го доближам овој концепт поблиску до праксата, во оваа блог-објава ќе пишувам за процесот на продажба со поткрепа на софтверскиот пакет Microsoft Dynamics NAV / 365 Business Central.
Business Central е деловен ERP систем на Microsoft за интегрирано работење на сите витални функции во компанијата. Како изгледа изведбата од понуда во кеш, тогаш?
Автоматизиран продажен процес
Правење понуда
Функцијата на маркетингот е да генерира интерес за производи и услуги што ги нуди компанијата. Откако некој ќе ја контактира компанијата, потребно е да се изработи понуда. Ако потенцијалниот купувач има потреба од редовни месечни набавки, тогаш продажното лице креира рамковна порачка.
Продажна порачка
Во случај заинтересираниот потенцијален купувач или редовен муштерија ја прифаќа понудата или рамковната порачка, продажното лице креира продажна порачка и ги внесува евентуалните забелешки и измени од понудата. Потоа ја праќа продажната порачка за прифаќање од страна на потенцијалниот купувач бидејќи може да има некои несогласувања или недоволно прецизирани работи.
Изведба на продажбата со испратница и ажирирање на залихата
Оној момент кога потенцијалниот купувач ќе ја потврди порачката, компанија преминува на нејзина реализација. Ако има испорака на производи, истите се испорачуваат и за нив се креира испратница. Испратницата се книжи и одложува во книга на книжени испратници. При тоа се ажурира залихата и заради тоа што има промена во залихата, автоматски се ажурира во Главната книга и се ажурираат салдата на контата во Сметковниот (контен) план.
Фактурирање и книжење на финансискиот дел
Кога купувачот ја потпишува испратницата и ги прима производите, продажното лице или магационерот или финансовиот оперативец ја книжи продажната фактура и му ја доставува на купувачот (или ја праќа по пошта, а може и по емаил согласно законите во Македонија). При книжењето на фактурата, таа се одложува во книгата на книжени продажни фактури, воедно се ажурира салдото на купувачот и се ажурира неговата картичка (книга) со финансиски износ.
Сублимат од книжењето на фактурата се ажурира во Главната книга и како трансакција и како салда на соодветните конта за купувачи и за приходи.
Наплата на фактурата
Кога купувачот ја плаќа фактурата, истата се заведува во софтверскиот програм при што се ажурира картичката на купувачот и соодветното конто на сметката во банка.
Ако случајно купувачот „заборави“ да плати, тогаш компанијата може да испрати потсетник за плаќање (да не речам - опомена) или да прати Извод на отворени ставки. За потсетникот имаме направено објава на форумот, а за изводот на отворени ставки имаме изготвено видео сесија - кликнете на горните линкови за повеќе.
Ако сакате истово погоре но и повеќе од тоа, да го проследите визелно, снимивме и видео сесија.
.Видео: Концептуално за продажбата
Кои теми сакате да ги напишам во блог? Сугестии и коментари подолу ... Благодарам!
Comments