Стандардниот извештај за профит или загуба на организациите, исто така наречен Биланс на успех, е наменет претежно за законодавачот и не дава јасна слика за точките каде може да се подобрува работењето на фирмата. За потребите на агилните организации, ви презентираме урнек кој се нарекува Income Statement, некои го нарекуваат Profit & Loss Report, а кај нас е одомаќинет изразот како Менаџерски извештај за профитабилност.
Концептот на менаџерскиот извештај е да се следи профитабилноста на повеќе нивои наместо само да се гледа бруто и нето добивка. Погледнете ја сликата подолу. На тој начин менаџерите може да влијаат на работењето на организацијата преку задавање конкретни задачи на вработените одговорни за соодветното ниво. На пример, бруто продажбата може да е голема, а нето продажбата да биде помала заради враќање на производи од купувачите, грешки или префрлување на прометот и враќањето на производите во различни периоди. Друг пример е ако бруто профитот е голем, што значи маржата е голема, а оперативниот профит е мал – потребно е да се вклучат оперативните и финансиските менаџери за да ги намалат оперативните трошоци во работењето.
Во една реченица, менаџерскиот извештај за профитабилност ги содржи продажбата и сите трошоци поврзани со постигнување добивка или загуба за одреден временски период, а не го зема впредвид паричниот тек односно уплатите и исплатите од и кон купувачите и добавувачите.
Во продолжение ќе ги опфатиме повеќето типови на профити.
Бруто профит
Промет од продажба на производи и услуги е фактуриран износ (или износ од фискални сметки) намален за вредноста на продажните давачки, како на пр. ДДВ и се однесува на целата продажба направена во одреден временски период, како на пр. година, квартал, месец или една недела. Бруто прометот е износот на продадени производи и услуги намалени за ДДВ и евентуално други давачки кон државата. Кога ќе се одземат грешките во фактурирањето, вратените производи заради дефект во моментот на доставата или погрешно испратените производи, се добива нето промет.
Бруто профитот се добива кога од нето прометот се одземат набавните вредности на производите или директните трошоци за услугите. Директен трошок е трошок кој е директно поврзан со зголемување на продажбата. На пр. ако се продаде дополнителна единица од некој производ, продажниот трошок се зголемува за вредноста на дополнителната единица.
Контрибуциски профит
Во современата економија базирана на додадена вредност често се случува организациите да работат со помала бруто маржа за да остварат поголем промет, а потоа добиваат дополнителни бенефиции од нивните добавувачи во форма на производи, рабати, продажни одобренија. Од друга страна, откако ќе ја направат продажбата, продажните лица или нивните менаџери може да одобрат дополнителни бенефиции за купувачите.
Ако од бруто профитот се одвојат дополнителните трошоци со купувачите (анг. Cost of Doing Business with Customers) и се надодадат дополнилните приходи од добавувачите (анг. Additional Revenues from Vendors), ќе се добие контрибуцискиот профит. Овој контрибуциски профит треба да ги покрие другите трошоци на работењето на организацијата какви што се оперативните трошоци, амортизацијата, трошоците на финансирањето, даноците и да остане профит за организацијата.
Оперативен профит
Дали продавала или не продавала, организацијата има оперативни трошоци како што се платите, кириите, комуналните услуги и маркетингот – овие трошоци се сметаат за индиректни трошоци. Вредноста на овие трошоци не зависи во голема мерка од продажбата. Тие се нарекуваат индиректни, фиксни или режиски трошоци. Овој вид на профит е генериран од редовните оперативни активности. Кога од контрибуцискиот профит ќе се извадат оперативните трошоци се добива оперативниот профит.
Амортизација на опрема
Многу компании имаат потреба да купуваат капитални инвестиции, како фабрики или машини, кои ќе ги користат многу години потоа. Принципот на сложување бара, овие трошоци да бидат поставени наспроти приходот за кој тие придонеле. Ако вкупниот трошок на машината, која се користи 3 години, се прикаже како оперативен трошок во првата година, бизнисот може да покаже значајна загуба во првата година, а следните две години со голема добивка. За да се обезбеди репрезентативна профитабилност на бизнисот во секоја година, тој мора да го распредели трошокот за машината во период во која таа допринесува во продажбата.
Распределувањето на трошокот на капитална инвестиција се нарекува амортизација (depreciation). Трошоците за амортизација (depreciation) се однесуваат на распределба на трошокот на физички капитални инвестиции. Инвестициите, како лиценци или патенти, кои постојат повеќе години се третираат на ист начин, но трошкот во билансот на успех се опишува како амортизација (amortization).
Приход и трошоци од финансирање
За да ги финансира своите оперативни активности, компанијата можеби ќе мора да побара заем од банка. При тоа каматните трошоци во врска со долговите мора да бидат вклучени во менаџерскиот извештај или Билансот на успех. Каматните трошоци се одразуваат на трошоците за финансирање на средствата потребни како подршка за создавање на приход. Успешниот бизнис ќе генерира пари и градење на парични резерви во банката, на кои ќе заработи приход од камата. Кога амортизацијата, неоперативните приходи и трошоци од камати се извадат од оперативниот профит, се добива Профит пред нереализирани курсни разлики.
Профит пред оданочување
Добивка пред оданочување е износ кој се добива со одземање на неоперативните трошоци, како амортизација, камата, негативни курсни разлики и сл. од оперативната добивка и додавање на неоперативниот приход.
Данок на добивка, добивка по оданочување и дивиденди
Компании кои генерираат профит се обврзани да плаќаат данок на добивка на нивниот профит. Затоа данокот се одбива од добивката пред оданочување за да се добие добивка по оданочувањето. Бидејќи во добивката по оданочувањето е пресметано плаќањето на камата за заеми од давателите на финансиски услуги, добивката може да биде исплатена на акционерите како дивиденда или да биде задржана во компанијата. Износот кој се задржува се додава во резервите или се користи за покривање на акумулирана загуба во билансот на состојба.
Како би изгледал извештајот имплементиран во Dynamics NAV
Изработката на менаџерскиот извештај може да биде во ексел со рачно внесување на податоците или преку систем за ЕРП како што е Dynamics NAV. На сликите подолу се прикажани примери за менаџерски извештај во Dynamics NAV 2009.
Како што можете да видите, извештајот содржи информации како што ги опишваме погоре и тоа бруто и нето продажба, трошоци во работењето со купувачите, дополнителни приходи од добавувачите, контрибуциска маржа и оперативни трошоци.
Современите ЕРП системи даваат и споредбени прикази за минат период, но и за некоку минати периоди. На пример, ланска година, прекланска или 4 години наназад. На тој начин фирмите може да ги анализираат податоците и да ги следат трендовите на битните параметри во работењето на организацијата.
Повеќе информации за Dynamics NAV има на страницата за Dynamics NAV. На форумот на Логин Системи можете да добиете исто така корисници информации како и да се вклучите во дискусијата на одредени теми.
Comments